ПРИКАЗНАТА ЗА БИСЕРА-УПИС ВО ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ

Јуни. Во нашето училиште, ООУ „Блаже Конески“, започна уписот на првоодделенци за учебната 2020/2021 година, кој оваа година поради епидемијата со КОВИД-19 беше одложен за еден месец. Возбудени, додека го пречекоруваат училишниот праг и со скокотлив трепет во нивните срца, идните првачиња ги разгледуваат долгите и широки ходници, украсени од вредните раце на станарите на оваа зграда. Разгледуваат и се чудат, додека со нетрпение го очекуваат денот кога и тие ќе зачекорат во возбудливиот училиштен живот, испреплетен со многу радост, смеа, другарство, но и нови вештини и големи тајни од областа на науката и општеството.

Едно јунско утро малата Бисера, заедно со нејзината мајка, со наивен сјај во малите детски очи, дојде во нашето училиште да се запише во прво одделение. На вратата ја пречека лице од техничкиот персонал, кое според Протоколот за упис на првачиња од МОН им ги дезинфицира рацете и обувките, им измери телесна температура, провери дали носат заштитни маски, им даде заштитни ракавици и ги упати кон просторијата за опсервација на идните првачиња.

Малата Бисера во просторијата влезе одмерено и претпазливо. Во нејзиното мало срце имаше големи очекувања, но и нетрпение за тоа дали ќе го знае одговорот на сите прашања. Во тоа мало срце одекнуваше големо прашање – дали е подготвена за поаѓање во прво одделение.

Комисијата љубезно ја отпоздрави, секако строго применувајќи го Протоколот за упис во прво одделение и прашувајќи ја како се вика ја започна нејзината опсервацијата. На почетокот слатка возбуда трепереше во таа детска душа, но како што течеше разговорот, Бисера стануваше послободна и посигурна во себе, охрабрувајќи се, но мудро уверувајќи ги и другите дека знае и умее опширно да одговори на сите барања кои комисијата ѝ ги поставуваше. Обидувајќи се да каже и да покаже дека знае многу повеќе од она што го бараа од неа, таа како одговор на секое прашање неуморно создаваше и раскажуваше приказна. Слатка приказна од светот на децата. Вешто го поврзуваше овој голем момент за неа со сето она што и се случува во секојдневниот детски живот. На крајот од опсервацијата, Бисера не сакаше да си замине. Таа сакаше да потрае ова прекрасно нејзино доживување, да трае ова прекрасно нејзино чувство на исполнетост кое само и потврдуваше дека во училиштето живее волшебната магија на ученичкиот живот која ја чека да и се придружи.

    

Сепак, Бисера ја отпоздрави комисијата, си замина со горди и сигурни чекори и така покажа дека е подготвена за поаѓање во прво одделение, гладна за нови знаења, желна да другарува и споделува и доволно храбра за да започне да ја испишува сопствената приказна во нашето – нејзино училиште.

Нека и е со среќа на Бисера и на сите идни првачиња!!!

>