ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА УЧЕБНА 2022/2023 ГОДИНА

Почитувани родители, драги наши ученици
На два дена пред почетокот на учебната 2022/2023 година, дозволете да Ве известиме дека Училиштето е спремно на 1 Септември (четврток) да ги прими сите наши ученици и тоа во подобрени услови за реализација на воспитно-образовниот процес.
За време на Вашиот одмор и распуст, непрекинато и напорно се работеше. Направена е замена на кровната конструкција во училиштето во предметна и одделенска настава од средства обезбедени преку Проект финансиран од Јапонската амбасада. Од сопствени средства заменети се 34 внатрешни врати и комплетно е заменет подот во сите училници, простории и холови каде се реализира настава со учениците од одделенска настава.
Исто така обезбедени се нови смарт табли во училници каде ќе се реализира настава со учениците од I, II, IV и V одделение и извршено е белење на дел од училниците и училишните простории. Со овие инвестиции учениците и наставниот кадар ќе имаат можност секојдневно да учат и работат во соодветни и квалитетни услови со што ќе бидат позадоволни и помотивирани за постигнување на нови успеси и признанија.
Нашите најмали и најнови ученици, нашите Првачиња во 9 часот заедно со своите родители ги очекуваме и ќе ги пречекаме во поливалентниот простор на Училиштето каде што ќе бидат топло примени и повикани од нивните наставнички, а во нивна чест, поголемите другарчиња им подготвија и кратка забавна програма за топло ДОБРЕДОЈДЕ.
За сите ученици од II до IV одделение на 1 септември наставата започнува во 7:30 часот (храна и престој нема да има само првиот ден).
Учениците од II одделение ќе бидат пречекани од нивните наставници во 7:30 часот кај влезот на првооделенците и ќе бидат однесени во својата училница.
За учениците од V до IX одделение наставата во смени ќе започне по следниот распоред:
 со прва смена започнуваат учениците од V1 и V2, VI и VIII одделение во 7:30 часот.
 со втора смена започнуваат учениците од V3 и V4, VII и IX одделение во 13:00 часот.
Учениците од VI одделение од нивните одделенски раководители ќе бидат пречекани во 7:45 часот пред главниот влез на Училиштето, во училишниот двор и заедно со нив ќе заминат во нивните матични училници.
На сите ученици им посакуваме успешен почеток на новата учебна година, стекнување нови знаења и вештини, многу награди, развивање на личните потенцијали и капацитети, раѓање на нови пријателства, меѓусебно прифаќање, разбирање и почитување!!!

Со почит,
Директор
Јованче Манасков