Нашите ученици во Детскиот парламент

Парламентарниот институт на Собранието на Република Северна Македонија на 19 ноември 2021 година (петок) со почеток во 10 часот, организираше онлајн работилница на тема  „Детски парламент“ за ученици од IX одделение, од основните училишта во државава. На оваа работилница нашето училиште го претставуваа учениците од деветто одделение: Петар Митиќ, претседател на одд. заедница на 9-4 одд., Андреј Божиновски – прв претседател на Ученичкиот парламент во нашето училиште, Марко Ангелов – ученички правобранител, Кристијан Трајковски – потпретседател на одд. заедница на 9-5 одд. и Матеј Ѓорѓиев, актуелен претседател на Ученичката заедница во нашето училиште.

          Оваа работилница беше посветена на одбележувањето на Светскиот ден на детето.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, според која сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат и дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

         По краткото излагање на потпретседателот на собранието, Горан Мисовски, учесниците на Детскиот парламент беа виртуелно запознати со зградата на Собранието, која е изградена во 1938 година и има историско и културно значење. Како една од најрепрезентативните простории од зградата на Собранието претставена беше и собата на резба која е ставена под заштита на УНЕСКО. Учениците беа запознати со податоци и факти од историјата и архитектурата на парламентарната зграда, како и од организацијата и работата на законодавниот дом.

По виртуелната обиколка на Собранието Соња Стаменковска, вработена во Собранието, ги претстави пратеничките Жаклина Лазаровска и Лидија Петковска, кои одговараа на прашања поставени од учениците.

Претседателот на Ученичкиот парламент на нашето училиште, Матеј Ѓорѓиев, постави прашање до пратеничката Жаклина Лазаровска и доби исцрпен одговор. Неговото прашање се однесуваше на наставната програма за 9 одд. и застапеноста на предметот Информатика и беше посочено како прашање кое упатува кон развивање на свест за демократија и општествена вклученост.

За сесијата „Игра на улоги – улога на пратеник “ учениците се подготвуваа во изминатиот период на тема за дискусија  „Онлајн настава наспроти настава со физичко присуство на учениците“.

На оваа дискусија ученикот Кристијан Трајковски од 9-5 одд. со успех и ентузијазам, но и со издржани аргументи го бранеше ставот – настава со физичко присуство.

Нашите ученици со задоволство се вклучија во оваа активност и  со нетпрение очекуваат други вакви активности во кои ќе можат со задоволство да ги покажат своите квалитети и познавања.

>