Под мотото „Да ги прифатиме разликите, да чекориме заедно кон успехот“, на 2 Декември со почеток во 10,30 часот, со пригодна приредба во поливалентниот простор на ООУ „Блаже Конески“ Велес се одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост во присуство на представници од БРО Велес, ПОУ „Маца Овчарова“ Велес, Здружение на лица со телесен инвалидитет МОБИЛНОСТ Велес, родители, наставници и ученици.
Приредбата ја отвори ученикот Борјан Јованов од IV-2 одделение со прекрасна пиано изведба. Потоа преку рецитал учениците од IV одделение ја искажаа љубовта кон децата, нивните права, другарството кое нема граници, хуманоста како една од најголемите човечки вредности и големината на Убавите зборови кои треба да бидат замена на сѐшто е насилно, свирепо грубо. Музичкиот настап со песната Proud на Елена Шопова и Дора Пајдакова од VIII-3 одделение го истакна она неоспорливо право за еднаквост на сите луѓе. А преку драматизација на приказната за Нешто Друго на учениците од VI одделение, во главна улога на Лука Панов и Моника Данаилова, под менторство на предметните наставници по Македонски јазик Костадинка Атанасова и Стефани Андреевска, се истакна дека само преку толеранција, прифаќање и почитување го добиваме единствениот начин на заедничко живеење во овој свет на различности. Заедничкиот настап на ученички од V одделение со ученици од ПОУ „Маца Овцарова“ на песната За овој свет од Тоше Проевски ги кулминираше емоциите што кај присутните ги разбудија сите учесници во приредбата. Оваа пригодна приредба ја потврди можност да направиме промена на нашите мислења и ставови, на нашата свесност за уникатноста на другите индивидуи, на нашата свесност за сопствените вредности. Потврди и дека сите деца се единствени, искрени, насмеани, тие веруваат, сакаат, почитуваат и прифаќаат без предрасуди.
Приредбата заврши со доделување на Благодарници на ПОУ„Маца Овчарова“ Велес и на Здружението за лица со телесен инвалидитет МОБИЛНОСТ Велес од страна на директорот, на ООУ „Блаже Конески“ Велес, Јованче Манасков.
>