ПОТПИШАН ДОГОВОР СО АМБАСДАТА НА ЈАПОНИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КРОВОТ

Денес, точно по 18 месеци од поднесувањето на Апликацијата, Директорот Јованче Манасков и Амбасадорот на Јапонија во земјава Н.Е. Хиронори Савада во присуство на Градоначалникот на Општина Велес, г. Марко Колев, потпишаа Договорот за грант во висина од 4.395.975 денари, средства наменети за реконструкција на дел од кровот на училиштето, поточно ламелите во кои учениците од прво до девето одделение ја реализираат наставата.

Директорот пред присутните истакна дека е голем предизвик но и одговорност да се обезбедат современи, ефикасни и безбедни услови за учење. Тој изрази огромна благодарност до Амбасадата на Јапонија која го ценеше проектот, го рангираше во приоритетните за финансирање и ги одобри финансиските средства за негова имплементација, како и на народот на Јапонија кој низ годините несебично помага на земјите во развој низ целиот свет.

Реконструкцијата на кровот на училиштето ќе ги подобри физичките услови за реализирање на воспитно-образовниот процес. Нашите ученици и наставници ќе бидат посреќни, позадоволни и помотивирани за постигнување на нови успеси и признанија.

Сегашните 1127 ученици и 104 вработени ќе добијат можност да учат и работат во соодветни и квалитетни услови.

На крај од средбата, Директорот се заблагодари од негово лично име, но и од името на учениците, вработените и на целокупната локална заедница за поддршката, со надеж и за понатамошна соработка.

По потпишувањето на договорот делегацијата од Амбасадата на Јапонија предводена од Неговата Екселенција Хиронори Савада, заедно со градоначалникот Марко Колев го посетија нашето училиште.

Делегацијата направи обиколка на училиштето и за тоа време директорот Јованче Манасков ги запозна со посебноста на нашето училише и ги истакна сите обележја како и постигувањата на учениците.

При посетата учениците од прво и второ одделение заедно со нивните наставнички одлично го претставија училиштето, а изработените со сопствени раце пригодни подароци ги подарија на Неговата Екселенција Хиронори Савада.