СРЕЌЕН И БЕЗГРИЖЕН РАСПУСТ

Драги ученици,

Ви се обраќам како Директор на училиштето “Блаже Конески“ со цел во име на Наставничкиот колегиум и во мое лично име да ви го честитам успешното завршување  на уште една учебна година.

Чудно е колку малку е потребно да бидеме среќни, и уште почудно, колку често  тоа малку  ни недостига.

Изминатиов период, кога бевте принудени да ги напуштите училишните клупи поради актуелната пандемија, Училиштето остана празно и глуво, без детската смеа, врева,  понекоја караница и брканица.

Вие поминавте неколкумесечен период активно учејќи од дома. Можеби оваа ситуација, тешка за сите нас, не натера  да размислуваме околу тоа што не прави среќни.

-Токму она што ни недостига, нели?

Дружењето, учењето, љубовта, почитта, вниманието коешто секојдневно си го подаруваме еден на друг. Нашите весели лица облеани со насмевки. Убавиот  збор. Помагање и разбирање.

Текот на случувањата во животот не зависат секогаш од нас, но начинот како тие случувања ќе ги поднесеме, во добра мера зависи од нас.

Оваа ситуација не промени сите. Сфативме  дека не можеме да бидеме истите од вчера, а не знаеме кои ќе бидеме утре. Секако, ќе бидеме подобри, поцврсти, попаметни. Бидејќи ништо не ги поврзува луѓето така како  заеднички и среќно преживеана  опасност.

Оваа ситуација  што не снајде сите, се надевам дека брзо и заеднички ќе ја пребродиме и во септември повторно ќе се исполнат овие ходници и училници со детски гласови, џагор, насмеани лица на ученици и родители.

Токму тука, во ова училиште, ги поминувате вашите најубави мигови од детството.

Затоа и засекогаш спомените на него остануваат врежани во вашите души.

За крај, една порака од мене:

Учете од минатото, живејте ја сегашноста и планирајте ја вашата иднина.

На сите деветтоодделенци кои го завршија своето основно образование во училиштево, им посакувам сите нивни идеи во иднина  да станат реалност.

Каде и да се одлучат да го продолжат своето образование, да докажат дека се добро вооружени со знаење, подготвени да се борат со сите нови предизвици во животот и еден ден да станат граѓани на оваа земја кои заслужуваат почит.

На сите други ученици, особено на нашите најмали кои во моментов аплицираат да станат дел од нас, им посакувам срдечно добредојде во нашето училиште кое гордо го носи името на основоположникот  на македонскиот јазик и книжевност, поетот, академик Блаже Конески.

Останете здрави, среќни и опуштени за време на летниот распуст и се гледаме во септември.

Директор,

Јованче Манасков

>