ООУ„Блаже Конески“ Велес – трети на државно ниво

ООУ„Блаже Конески“ Велес, уште еднаш покажа дека е меѓу најдобрите во државата.

На натпреварот „Предизвикот за кодирање 2021“ организиран во соработка со Министерството за образование и наука и финансиран од Владата на Обединетото Кралство, клубот за кодирање при ООУ„Блаже Конески“, Велес го освои третото место.

На овој натпревар училиштето го претставуваа и му донесоа уште една награда учениците – членови на клубот за кодирање: Марко Ангелов, Кристијан Трајковски, Тодор Пљаков и Матеј Ѓорѓиев, ученици од VIII-5 одд. под менторство на наставничката по информатика, Маја Гелев.

Проектот со кој се натпреваруваше нашето училиште е „Micro:bit како алатка за топлотна регулација во услови на глобално затоплување“. Преку проектот нашите ученици го промовираат Микробитот како смарт алатка за идентификување на температурни осцилации на микро и макро клима во дадено опкружување. Микробитот како уред употребен со други алатки овозможува промена на температурата која во одреден случај може да претставува закана. Уредот ја мери температурата и ако се искачи над одредена граница тогаш се вклучуваат вентилатори кои ќе помогнат во ладењето на просторијата. Дополнително кај уредот се вградени индикатори (ламбички и звучник) кои алармираат за проблемот. Овој уред може да биде поврзан безжично со некој паметен уред (телефон или таблет) и да известува за секоја промена согласно зададените параметри. Технологијата е едноставна за користење, а производот е функционален.

И покрај тоа што кризата значително влијае врз училиштата, наставниците и учениците, навистина се гордееме што воспитно – образовниот процес и напредокот во знаење на нашите ученици се одвива непречено и успешно.

Тие стекнуваат нови знаења и секојдневно постигнуваат нови успеси. Честитки.