РОДИТЕЛИТЕ ВО ООУ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ БЕА ЗАПОЗНАТИ СО НОВИОТ КОНЦЕПТ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

Нашето Училиште заедно со Локалната самоуправа како надлежна за основно образование организираше средбa со родители, наставници и стручна служба на која беше дискутирано за новиот Концепт за основно образование.

На средбата присуствуваа: Ненад Коциќ пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и член на Комисијата за образование при Собранието, Аце Коцевски Градоначалник на Општина Велес и преставници од општинската администрација Елена Тевчева и Верица Тодоровска Дацева. Беше поканет и Игор Здравковски пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и долгогодишен наставник во нашето училиште, но не присуствуваше на истата.

Средбата ја отвори директорот на нашето училиште Јованче Манасков. Тој ги запозна родителите со новиот Концепт за основно образование и даде свое видување за истиот. Нагласи дека на нашиот образовен ситем му е потребна темелна реформа која ќе овозможи подобро и поквалитетно образование на нашите ученици и дека новиот концепт токму тоа го предвидува и овозможува.

Родителите го искажаа своето размислување за коцептот и реформите, поставија прашање на присутните и дадоа идеи. И наставниците и стручната служба се вклучија во дискусијата.

На прашањата поставени од родителите одговараа директорот на училиштето Јованче Манасков, Пратеникот Ненад Коциќ и наставниците од нашето училиште.

Наставничката Светлана Бобевска која е Едуино амбасадор напомена дека овој концепт нуди промени во повеќе сфери што се однесуваат на интегрирање на наставата и наставните предмети, на избор на предмети од интерес на ученикот, на учење преку истражување и проекти, намалување на оптовареноста на наставните материјали со фактографски податоци, на прилагодување на наставата кон потребите на сите ученици, на користење на разновидни наставни материјали, на активно учество на учениците во животот на училиштето, на целосниот напредок на детето во здрава и социјализирана личност. Таа напомена дека ученикот ќе биде во фокусот на вниманието, наставникот е само насочувач во активностите. Преку современи дигитални алкатки ќе му ги направи интересни и достапни на детето содржините што ќе треба да ги усвои.

И Градоначалникот Аце Коцевски ја потенцираше потребата за промени во образованието и напомена дека со новиот концепт ученикот се учи критички да мисли и да биде активен учесник во воспитно образовниот процес преку зголемена интеракција на наставниците и учениците.

Родителите изразија задоволсто што беа поканети да присуствуваат на оваа средба и што некои дилеми и нејаснотии им се разјаснија.

Средбата се одржа на 27.5..2021 година во поливалентниот простор на Училиштето со строго почитување на мерките и препораките за заштита од Ковид 19.