ООУ „Блаже Конески“ – Ден на училиштето

ООУ „Блаже Конески“ и оваа година го одбележува Денот на училиштето и во чест на својот патрон, големиот поет, академик, изучувач, познавач и вљубеник во македонскиот јазик, професорот Блаже Конески, традиционално организира низа активности. Придржувајќи се на препораките на Министерството за здравство, своите планирани активности ги реализира  со заедничко учество на учениците, вработените  и родителите не само со физичко присуство, туку и на далечина преку MS Teams. Се известуваат учениците и вработените при ООУ „Блаже Конески“ – Велес дека по повод Денот на училиштето 18.12.2020 година (петок) е наставен ден кога се реализира посебнa програмa.

Во рамките на одбележувањето на Денот на Училиштето предвидени се следниве активности:

  • Од 14 до 16 декември Собирни еко – акции за електронски отпад за учениците од I – III одделение коишто наставата ја посетуваат со физичко присуство.  Покрај учениците, учество зедоа и голем број родители, наставници и вработени во Училиштето.
  • 18 декември претставување на Читачкиот клуб со активноста: „Децата за патронот Блаже Конески“  преку користење на платформата MS Teams. во рамките на МИМО-проектот ќе се одржи заедничка он лајн средба на членовите на Читачкиот клуб   составен од ученици и од наставници од двете збратимени училишта под мотото „Децата за патронот Блаже Конески“;
  • 18 декември споделување на видео снимка „Уметноста го разубавува животот“  преку користење на платформата MS Teams, вклучени ќе бидат учениците и нивните родители од I – IX одд. и пошироката јавност ќе можат уште еднаш да ја проследат видеоснимката од претставата „Уметноста го разубавува животот“ во изведба на учениците од ова училиште. Преку репризното издание на овој видеоматеријал да се потсетиме на деновите кога сите ученици и наставници  со заеднички  сили, овие денови ги поминуваа во активни проби, подготовки и со нетрпение очекуваа да дојде денот кога ќе можат да излезат на сцена, достојно да се вложат себеси, а во чест на човекот кој е најзаслужен за македонскиот литературен јазик да се воздигне високо на пиедестал заедно со другите светски јазици. Со својата содржина, оваа претстава ќе не потсети на убавината и на благородното чувство што кај човекот може да го предизвика уметноста, а истовремено да не разнежни и да не орасположи чистата и невина детска душа.За учениците од прва смена во 10 часот, а за втора смена од 12 часот.
  • Линк од претставата „Уметноста го разубавува животот“   https://youtu.be/eWrxDGv6FTE
  • 24 декември КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА во период од 10 до 14 часот во Ликовен салон. Активностите ќе се финализираат со реализација на традиционалната Крводарителска акција во која  освен сите вработени во Училиштето, учество ќе можат да земат и родители и други заинтересирани граѓани, а ќе се изведе на 24  декември, од 10 -14 ч. во Ликовниот салон. Сите  вработени, родители  и останати заинтересирани, уште еднаш, како и многу пати досега, преку своето масовно учество, ќе ја докажат својата хуманост, ќе  даруваат крв, ќе спасат човечки животи, особено во време на  пандемија со коронавирусот.

На сите ученици и вработени им го честитаме Денот на училиштето.